Пет домашни, една вежба по англиски
- leonidabassa
- Jul 28
- 4 min read
Updated: Jul 29
Како да си ги повратиме нарушените граници помеѓу работата и одморот

Во претходниот текст зборувавме за тивкиот момент кога никој ништо не ни бара и за вината и желбите што се јавуваат тогаш. Овојпат сакам да одмотаме уште малку од клопчето наречено „одмор“ и заедно да размислиме: како го разликуваме одморот од работата, и што се случува кога (прерано и премногу вешто) ќе научиме да си ја маскираме работата во игра.
Првиот „хакиран“ систем
Го памтам овој момент како да беше вчера. Шесто одделение сум. Имам пет домашни за утре - сериозен товар за моето тогашно „работно време“. Но, едно од тие домашни, по англиски (тие учебници отсекогаш си беа топ) е забавно. Личи на игра.
Па решавам да си направам систем: за секоја завршена домашна по една „награда“ на англиски.
Работа-игра-работа-игра.
Тоа е првиот пат кога свесно си го гејмифицирам работењето. И, искрено, со тоа си правам огромна услуга: учам да се мотивирам, да се движам низ задачите полесно, да внесам радост во сериозноста. Оттаму, го развивам мојот игрив пристап кон животот на кој и ден денес сум му верна и благодарна.
Но… (секогаш има едно „но“)
Со годините почнав сè подлабоко да паѓам во замката: ако сум научила работата да ми биде замена за одмор, тогаш како ќе знам дека сум одморена?
„Крпен живот“ во дваесеттите
Моите рани 20-ти беа типична комбинација од многу енергија, многу време, многу амбиција - и малку одмор. Не затоа што не сакав, туку затоа што целата структура на мојот живот беше склопена за да издржи. Work hard, play hard.
Не спијам доволно - пијам 4 кафиња. Не јадам внимателно - ќе „исправам“ со суплемент вечерта. Не запирам - ама ќе си пуштам музика додека работам, ќе си направам „игра“. И така, секој недостаток имаше хак, секоја дупка - лепенка. Ниту една од овие крпеници не ми беше смислена имајќи го мојот главен ресурс на ум. На мојот ум и на моето тело им требаше нов предизвик, уште возбуда, па кој да мисли на одмор.
Нема да спијам, ќе учам до последен момент пред испит. Иако се задржав на работа, нема да ја пропуштам „искачанката“ вечер. Викендов ќе сработам уште една тезга, следниот уште едно предавање, месецов уште едно патување...

Данокот на триесетите
Животниот стил ми се смени уште во 2018 кога ја добив првата ќерка. А во текот на пандемијата, сè се смени повеќе пати... Сè освен мојот запуштен однос кон одморот. Потоа имав среќа да работам со терапевт од Сингапур, Др. Ентони Стивен. На неговиот сајт стои: Trained and mentored in the American Ericksonian methods by Dr. Eric Greenleaf (the first recipient of Dr. Erickson Prize, presented by Dr. Milton Erickson himself.)
Со него после неколку сесии, стигнавме до една, на прв поглед банална, но суштинска поента:
„Спиењето е инвестиција.“
Звучи едноставно.
Не е едноставно.
Но, редовната практика која ми ја наложи Др. Стивен ми помогна да ги видам нишките од кои беше сплетена мојата приказна. Толку добро потиснати и натопени во безбедниот мрак на потсвеста: трансгенерациските стравови кои датираат од Втората светска војна, од земјотресот во Скопје, начинот на кој во моето семејство се третирале разделбите... Сите овие тенки нишки сплеле дебела волнена приказна за сонот, како основен елемент на одморот.
И не можам доволно да нагласам колку тренди хаковите само ми ги влошувале главните причини за лош сон. Не гледај во екрани пред спиење, ладен туш кога се будиш, не јади неколку часа пред спиење, немој ова, прави она... Колку сме наивни кога мислиме дека навиките се како парацетамол - безбедно е да бапнеш една ако не си сигурна во што е проблемот. Но, да се навратиме на решенијата:
„Спиј повеќе“ не е шала
Бесмислено (и сурово) е на мајка на новороденче да ѝ кажеш: „Спиј повеќе“. Таа веќе сака да спие повеќе. Веќе знае дека тоа ѝ треба. Но, нема услови.

Од системската пракса знаеме дека одморот ќе те снајде ако го избегнуваш толку долго што се загрозуваш себе. Бидејќи системите тежнеат кон рамнотежа или хомеостаза, ако не одмориш, системот ќе најде друг начин да те спречи да работиш (телесни симптоми, раздразливост, пад на концентрација, емотивен крах, симптом кај друг член на семејството што ќе те успори тебе како нус-појава).
Понатаму, во секој систем ресурсите се распределуваат - време, внимание, присутност. Ако сè се вложи во работа (и формална и невидлива, домашна и емоционална), одморот ќе мора да се „прошверцува“. А прошверцуваниот одмор не нè храни, туку само го одржува овој небалансиран систем во живот.

Одмор не значи секогаш пауза од работа, туку пауза од самата потреба за работа.
Ова беше следното поле на истражување за мене. Во текот на денот, пробав да си дадам микро-одмори, моменти што не се означени со „морам“. Седум минути да не правиш ништо = одмор. Да пуштиш подкаст за продуктивност = не е одмор.
И најважниот момент: дозволата
Повеќето од нас не се виновни што не знаат да одморат. Просто нè научиле да работиме дури и кога никој ништо не бара од нас. А одморот - за да почнеш да го учиш - прво мора некаде да ти биде дозволен.
Јас можам да го држам тој простор за тебе. Пиши ми ако си спремна да доживееш позитивни промени.




Comments