Науката зад навиката на одмарањето
- leonidabassa
- Aug 13
- 4 min read
И наједноставните работи имаат причинско-последични врски со другите работи. Исто како што не пиеш многу течност пред спиење за да не стануваш ноќе, или не даваш да се грицка благо пред ручек, има работи коишто на сличен начин влијаат на нашата можност за одмарање. И додека сме експерти за нашата професија, за пристапот кон децата, за домаќинските работи, и како царици владееме со сиот ментален товар што сите наши улоги го носат, го запоставуваме единственото нешто што е заеднички и ограничен ресурс за сите овие активности.

Го користиме нашето тело како што нашите баби користат фејсбук
Си одбираме да го игнорираме фактот дека не сме веќе енергични, силни и ентузијастични како порано и оставаме трансгенерациски и културолошки фактори да го возат нашиот највреден физички имот - нашето тело. Ние, толку вични и способни во сите сфери на нашите животи, одбираме да го користиме нашето тело како што нашите баби користат фејсбук.
И моето прашање не е зошто.
Повеќето од нас не сме виновни што не знаеме да одмориме.
Просто, од пример сме научиле да работиме дури и кога никој ништо не бара од нас. Цели системи, религии и економии се изградени на база на женскиот труд дури 800 генерации наназад - тоа не е нешто што еден разговор или дузина истражувања можат да го сменат лесно.
Затоа ич не прашувам зошто…
Моето прашање до тебе е: Како да владеам со нешто што не го разбирам?
Сите начини на кои можеме да го разбереме одморот
Неќни пишував малку поинтимно за одморот како дозвола, за тоа колку е тешко да одмориме без вина и колку често работата ја маскираме во „одмор“. Моите лични увиди од повеќегодишната серија експерименти на темата се сведуваат на тоа дека одморот не е плукни-залепи, туку интегрален дел од нашиот живот што бара интердисциплинарен пристап. Еден од тие пристапи е и биохемијата, аспектот што ќе го расветлиме во овој и наредниот блог. Нема да се правам Балтазар, но сепак е важно да разбереме зошто телото и умот не можат да работат бесконечно без полнење на едно многу реално и материјално ниво.
Сите современи книги за успех - ни советуваат одмор
Првпат ја сретнав оваа идеја не во некоја модерна книга како „Atomic Habits“ или „The 5 AM Club“, туку многу порано, уште во почетокот на 2000-тите, кога ја прочитав „7-те навики на високо ефективните луѓе“ од Стивен Кови (достапна бесплатна верзија на англиски тука), објавена за првпат во 1989 г. Меѓу сите практични совети, имаше едно поглавје што ми остана во глава -
„Острење на секирата“ (Sharpen the Saw, стр. 147 во електронската верзија).

За да бидеме успешни во тоа што го правиме, Кови предлага да посветиме еден дел од времето не на трошење, туку на полнење на нашите капацитети преку читање, учење и развивање идеи. Ова не треба да го правиме во слободните денови од викендот, туку да го вклопиме во рамките на работната недела. Мојата лична интерпретација на ова правило е формулата 80% користење - 20% градење капацитети. Како што можете да замислите, на прагот на моите 20-ти кога неретко се случуваше да отидам на афтер-ворк забава, да продолжам во Маракана, па во Балет, од таму утрото на чорба и директно пак во канцеларија, овој концепт ми немаше смисла. Искуствено, тогаш тоа ми звучеше како луксуз, но 15 години и 2 деца покасно, знам дека ваквото „острење“ е биолошка нужност. Со зборовите на Кови, ова е „навиката што ги овозможува сите други навики“.
Што беше потребно за да си го дозволам луксузот наречен одмор?
Подоцна оваа идеја повторно ми се врати, но овојпат како професионално искуство. Кога ме примија на мојата „работа од соништата“ во една американска компанија што развива програми за оптимизирање на човечките потенцијали, имав привилегија да работам со материјали создадени во соработка со водечки научни институти од САД. Таму, концептот на „острење на секирата“ доби многу подлабок контекст. Во обуките што ги поминав, научив дека за да постигнеш оптимум во бизнисот или во која било професионална сфера, мораш да имаш задоволено пет други клучни сфери - и тоа на начин што е одржлив, а не издржлив:
Телесно здравје
Духовност
Семејство и блиски луѓе
Она што го создаваме
Она што го примаме
Работа или бизнис
Сите животни сфери се поврзани, како садови што меѓусебно се полнат и празнат. Ако една е запоставена, другите почнуваат да трпат. Американските соло-претприемачи кои заработуваат меѓу $200К и $2M годишно инвестираат 70-80% од своето време во другите 5 сфери од животот - за да постигнат извонредни резултати во бизнисот со преостанатите 20-30%. И токму во тој контекст, одморот добива поинакво значење: тој не е само пауза, туку активно полнење на сите сфери за системот да остане стабилен.
Одморот е таа навика што ги овозможува сите други навики.

Како е оваа психологија применлива за нас мајки, денес, во Македонија?
Ние не сакаме да бидеме бизнисменки, милионерки и да основаме корпорации во Силиконската долина, но ако можат овие луѓе да постигнат одржливи и предвидливи резултати, можеме и ние да провериме што од тоа е применливо за нас. Ова ќе зависи од личните околности и фактори што не се секогаш под наша контрола и затоа бара многу индивидуален пристап.
Преку индивидуалната терапија 1:1, можеме да ги истражиме околностите на твоите системи и да разбереме како конкретно твоето семејство и луѓето од твојата средина повеќе те трошат отколку што те полнат. Во ова истражување ќе ги вклучиме и системските предизпозиции што се трансгенерациски (што сме ги наследиле), како и актуелните системски предиспозиции. Ќе се обидеме да ги лоцираме системските обрасци што нè држат во актуелното статус кво (на пр. ограничувачки уверувања од типот „Вака не прават мајки“, „Ова не се прави со машки деца“ и сл.), но и да видиме кои ресурси ти се на располагање, како ги корисиш моментално и како да ги користиш подобро.
Твојот системски поддржан замор бара системско решение.
Ако ти треба ваков муабет, знаеш каде да ме најдеш.



Comments