top of page

...Другите 4 важни фактори кога се разговара за редефинирање на улогите во семејството

Updated: Apr 7

Ветено - сторено! Во овој блог пост ги споделувам останатите 4 од вкупно 7 клучни аспекти кои ќе мора да ги земеме предвид за да ги надминеме традиционалните балкански норми во обидите да создадеме балансирано домаќинство.


Првиот дел од овој текст можете да го прочитате ТУКА.





4. Флексибилност и приспособливост

...прилагодувањето е клучно...

Прилагодувањето е животна вештина која сите живи нешта што постојат на овој свет ја владеат добро. Размисли за ова од оваа перспектива: тие што не ја совладале, не опстоиле до денес. Тоа што ти си тука и го читаш ова мене ми кажува 2 многу важни работи:

1. Дека си подготвена за промени кои ќе внесат здрав баланс во твоето семејство.

2. Дека сите твои предци се адаптирале на безброј начини да надминат предизвици кои не можеме ни да ги замислиме. Патем, не зборувам само з мајка ти и татко ти, или твоите баби и дедовци, зборувам за илјадници луѓе, благодарение на чија адаптација денес те имаме со нас. За илустрација погледни го овој рил: 




Ако ова те инспирираше, сети се дека и зад твојот партнер низ времето има исто волку луѓе кои го информирале неговото постоење по генетски и епигенетски пат. 


Здраво е за твоето семејство и за вашиот брак да сте координирани во целите, да го толерирате пристапот на партнерот (и тој вашиот), но и да се прилагодите на светогледот на другиот. Амбициите ќе ве однесат далеку, но интегрираноста е таа што ќе ве носи кон нив ден по ден.


Како тоа би изгледало за мене?


Биди спремна да водиш со пример: „Знам дека овој месец си многу зафатен, можам да ја преземам таа и таа, конкретна обврска следната недела.“

Прилагодувајте ги обврските според потребите: „Се јавија од градинка, детето има температура. Мене ми е многу важно да не го откажам овој состанок во 2, можеш ли денес ти да излезеш од работа? Многу ќе ми значи.“

Како и во многу други релациски работи, успехот не е секогаш линеарен.



И не може дури ни да се мери на скала. Некој ден ќе биде успех да се искарате околу предлогот, доколку од тоа се разоткрие подлабока причина зошто предлогот не одговара. 


На пример, да го разработиме примерот од претходно: 

  • Се јавија од градинка, детето има температура. Мене ми е многу важно да не го откажам овој состанок во 2, можеш ли денес ти да излезеш од работа? Многу ќе ми значи.

  • Не можам и денес се многу нервозни на работа не сакам да си направам проблем, освен тоа ти си поблиску до градинката. 

  • Но тоа прави да се чувствувам безизлезно. Се чувствувам како да потфрлам како мајка затоа што треба да го направам овој избор, а во исто време и како да потфрлам како професионалец. Дополнително, тешко ми е да барам помош па се обраќам на единствената личност која очекувам да ме поддржи, и ти ме одбиваш.


Замисли се во фаза од животот во која може да си волку свесна за твоите внатрешни процеси,и замисли брак во кој има простор за овој разговор.  




5. Поттикнување на заеднички активности

...тимската работа е вештина што се учи и негува...

Заедничките активности ги зајакнуваат врските и создаваат чувство на заедништво. Вклучувањето на сите членови во домашните обврски е инвестиција. Навистина, може да ти оди на нерви колку неумешно секој го одработува својот дел, но еј, што ако моменталното несовршенство е мала цена да се инвестира во:

  • Чувството на способност и компетентност

  • Чувството дека се потребни

  • Чувството дека ова семејство може да направи нешто заедно


Вклучете ги и децата во задачите, со обврски соодветни на возраста. Не само што ќе им помогне да развијат чувство на одговорност, туку и ќе создаде забавни моменти за сите.  И не заборавај да побараш од сопругот да пушти музика како за твоја душа. Целта е да постигнете да направите забавна атмосфера, што ќе го направи процесот многу поинтересен и пријатен. Целта може но не мора да подразбира и целосно или перфектно завршена активност. 


Но внимавај! 

Кај многу парови ваквиот обид може да резултира со нервоза, провокација, саботажа од страна на едниот партнер и да избувне во кавга. Ова не значи ништо лошо за вас како пар. Напротив, таквите случувања се еден компас кој покажува во кој правец е нарушен балансот во вашиот брак и ви дава можност да ја вратите хомеостазата со тоа што ќе се обратите кај стручно лице да би научиле нови алатки со кои ќе го накренете квалитетот на брачната врска.


6. Воспоставување систем на инакви награди

...малите знаци на признание прават голема разлика...

Кога беше мала добиваше лижавче ако ја слушаш баба, играчка ако соработуваш за одење на фризер или забар, петка ако знаеш сe, па и книга со сведителството ако си постигнала одличен успех. И ова не е подмитување, туку систем на наградување на трудот смислен да поттикнува позитивни навики и охрабрува континуирано вложување.

Денес кога имаш свој буџет и можеш да си приуштиш каква награда сакаш, вистинско признание се оние нешта кои не можат да се купат или едноставно побараат: убави зборови, вниманието, поддршката од партнерот, благодарноста од децата.


  • Кои нешта од овој тип би можело да бидат ваква врвна награда која ќе го израдува срцето на твојот партнер? 


Малите знаци на признание и благодарност може многу да значат и мотивираат. 


Како тоа би изгледало за мене?

Признај му го трудот на партнерот: „Ти благодарам што ја среди кујната вчера попладне.“ Дури и тоа да се случило прв пат во овие 3 месеци. 

Поттикни ги сите да направат нешто убаво за другите. На пример, пиши му на сопругот да купи по еден чоко бисквит за децата кога ќе си доаѓа. Друг ден пак, додека тој е излезен од дома, седни ги децата и раскажи им дека едвај чекаш тој да се врати затоа што толку многу го сакаш и цениш (заради нешто што е разбирливо за нивната возраст). Прашај ги што најмногу тие сакаат во врска со тато и „хајпни“ ги да го пречекаат на врата кога ќе  пристигне. 





7. Спокојот и хармонијата се наоѓаат во големата слика

…Ех да беше „кој ќе здипли алишта“ главниот проблем во нашиот брак!

Можеби си велиш „зошто е важно како се поделени обврските во домот?“ па ние имаме толку многу разлики и незадоволства во нашиот брак и ниеден од нив нема врска со домаќинството. И тоа е навистина така, вие сте 2, 5, 8 години во брак и досега супер се носите со домашните работи. 

Но, јас со овие предлози воопшто не се фокусирам на подобрување на техничките работи во вашето домаќинство, туку само на квалитетот на врската меѓу партнерите. 

Обврските во семејството се:

  • Опипливи

  • Секојдневни

  • Договорени или се подразбираат

  • Ја отсликуваат функционалноста на семејството

  • Ја отсликуваат културата на комуникацијата во домот

  • Секојдневен предизвикувач на емоционални реакции (благодарни за убавиот ручек, лути за оставениот неред)

  • Одличен начин да се почне разговор меѓу партнерите во кој ќе се вежбаат квалитетите на комуникацијата што се присутни кај функционалните парови

Ако ниеден од вас не се осеќа виден ниту му е признаена добро завршената обврска, дали е тоа клима во која сакаш да бидеш дома до крајот на животот?

Поделбата на обврските е процес кој бара континуирано внимание и прилагодување. Целта е да се создаде долгорочна рамнотежа и хармонија во домот каде секој се чувствува вреднуван.

Прераспределбата на обврските, доколку се случи, ќе биде само декор на една силна витална врска околу која се гради хармонично и функционално семејство во вашиот дом. 

А тоа е нешто што ти дефинитивно го заслужуваш. 



Што е она што му треба на твоето семејство денес?


Прилагодувањето не значи компромис на сопствените вредности, туку осмислување на нови начини за заеднички успех. Запомни дека промените се дел од патот кон здрави, стабилни и среќни односи, а ти и твоето семејство сте на вистинскиот пат.

Ако сакаш да ја истражиш оваа тема подлабоко и во соработка со партнерот, не двоуми се да побараш помош од професионалец на кого му веруваш. Консултацијата со стручно лице може да ти помогне да ги надминеш предизвиците и да создадеш поуспешно и посреќно семејство. Контактирај ме за да закажеш состанок и започни го твоето патување кон подобрување на семејниот живот.


На овој линк исто така можеш да ги најдеш и партнерските картички кои ги подготвив за парови кои сакаат да го гејмифицираат овој разговор. Во моментов овие карти се достапни бесплатно во пдф верзија (11 страни во боја за печатење х 8 карти за сечкање), а набрзо ќе ви бидат достапни и за порачка во поквалитетен формат како физички производ.


Дали овој текст беше интересен? 


Копирај го линкот горе и прати го на твојата најдобра другарка! Ако го споделиш на стори на инстаграм, не заборавај да ме тагнеш @domasolea И пиши ми пораче колку често би сакала да читаш вакви блогови, да знам колку често да пишувам🙂


Содржините објавени на ДомаСоЛеа.Ком не се психотерапија и не се предвидени да бидат замена за сесии со терапевт, психолог или друго стручно лице од областа на психологијата.


 
 
 

Comentários


Остани поврзана - Остави емаил

Сакаш повеќе вакви содржини? Придружи се на нашата мејл листа и добивај ресурси директно во твоето сандаче.

  • TikTok
  • X
  • Instagram
  • Facebook
  • YouTube
  • LinkedIn

© 2025 Леа Ризаова                     design by: Ana Iliana

bottom of page