top of page

Како да се разговара за поделбата на обврските во домот и семејството вон традиционалните балкански норми

Updated: Apr 7

Во традиционалните заедници на нашиве простори, поделбата на домашните и семејните обврски често се заснова на вековни обичаи и улоги. Сепак, последните генерации сведочат за промени во начинот на живот. Некаде се генерациите на нашите баби, а некаде е токму нашата генерација, но евидентно е:

сè повеќе семејства се стремат кон порамноправна распределба на обврските. Е сега, како да се започне ваков разговор? И како да се отворат картите околу рамноправноста без да се наруши хармонијата во домот?



Во овој прв блог на Дома со Леа, пишувам токму за 3/7 клучни аспекти кои ќе мора да ги земеме предвид за да ги надминеме традиционалните балкански норми во обидите да создадеме балансирано домаќинство.



1. Разбирање на традиционалните улоги во бракот


...не можеме да надградуваме нешто што не го разбираме...

Не е поентата одма да ги прешкртаме досегашните поставки или да пркосиме на сè што ни е веќе сервирано. Мора да оддадеме признание на распределбите кои нè подигнале, кои овозможиле да пораснеме во колку-толку функционални семејства и да дојдеме до ова место каде што сме сега. Како ние - така и нашите партнери. Освен тоа, не можеме да надградуваме нешто што не го разбираме. Затоа го наведувам длабокото и сочувствено разбирање на традиционалните улоги како прв чекор.


Повеќето балкански општества имаат длабоко вкоренети улоги каде жената е задолжена за домашните работи, а мажот за финансиската поддршка на семејството. За да започнеме со промени, важно е да ги разбереме овие традиции и да го признаеме нивното влијание без да ги осудуваме.


Како тоа би изгледало применето?


  • Во згоден момент, отвори разговор за тоа што тебе највеќе ти се допаѓа а што највеќе ти смета во бракот на твоите родители во поглед на како тие ги распределиле своите улоги.


  • Остани љубопитна и отворена да го чуеш мислењето на партнерот. Постави прашање на истата тема: како било организирано неговото семејство? Што му се допаѓа најмногу а што би променил кога би можел?


  • Заврши го разговорот без критики или осуди:

Целта на овој разговор е освестување на „чеизот“ што ни е даден од нашите семејства + градење на безбеден простор за разговарање со партнерот.



2. Комуникација со почит и разбирање


...Секој може да слуша со почит, само прашање е колку секунди...

Комуникацијата е во основата на секоја здрава врска. Отворен и искрен дијалог е неопходен за успешно разгледување и промена на било кои улоги и односи. Кога разговараш со партнерот, важно е да се чувствуваш слободно да ги изразиш своите мисли и чувства, но исто така и да слушаш активно и со разбирање.


Мене лично ми помага да се запрашам: Дали слушам за да разберам/почувствувам/сочувствувам или слушам за да одговорам?


Во реалноста на нашите бракови често се случува стресот и заморот од дневните обврски да водат до обвинувања и караници. Секој ден се враќате дома уморни од работа и наместо да се опуштите, продолжувате со друга смена – домашните обврски.



Немањето време за отворен и спокоен разговор води или до изолација и чувство на неповрзаност со партнерот, или до недоразбирања и конфликти. Добрата вест е што клучот да се промени ова е веќе во наши раце!


Како би изгледало тоа во пракса?


  • Во згоден момент, започни разговор со: „Знаеш ли дека се чувствувам како во турска серија? Ама не како Хурем Султан туку како оваа бабава, секогаш во кујна и незадоволна од сите... Кажи ајде како да се организираме за да имаме повеќе време заедно?“


  • Биди отворена и трпелива, не обвинувај, туку сподели како се чувствуваш: „Јас се чувствувам преоптоварена од сите овие обврски во домот. Можеме ли да зборуваме за начини на кои би можеле нешто да смениме во обврските?“


  • Постави прашања за да го разбереш неговото гледиште: „Како се чувствуваш кога јас ги преземам сите домашни обврски околу облека/хигиена/храна?“



3. Поставување јасни цели и задачи


...најпрво, дали е јасно што значи „јасно“?

Кога ги прераспределувате обврските, јасноста е клучна за успехот. И тоа не значи дека на партнерот треба да му е јасно што сакам, уште кога ќе помислам... туку дека треба јасно да му кажам на партнерот како би сакала нештата да бидат. Што подразбира и на мене да ми биде јасно дефинирано што би сакала, како сакам да биде.



Поставувањето јасни и конкретни цели и задачи за секој член на семејството помага да се избегнат мноштво недоразбирања и конфликти. За пар со мали деца, ова може да изгледа како вистинско спасение. Замисли, се враќаш дома од работа и наместо да се карате кој ќе го бања детето или кој ќе готви, веќе имате договор кој ќе биде задолжен за која задача. Можеби еден од вас ќе биде задолжен за готвење и миење садови од понеделник до среда, а другиот од четврток до недела. Но каде паровите заглавуваат?


Од работата со парови знам дека најчесто едниот партнер нема претстава за обврските кои секогаш другиот партнер ги извршува. И тоа од технички аспект, на пример:

  • колку често треба да се извршува одредена обврска (дали детето се бања секој ден?)

  • како треба да се извршува (до каде се полни кадичката, дали се мие и косичката?)

  • како треба да изгледа резултатот (резултатот не е само чисто дете, туку чисто и расположено дете облечено во чисти пижами + измиена када, избришана вода од подот, исплакнати играчки вратени на место)


И како што можеш да замислиш, партнерот кој ги извршува секојдневно овие обврски, во тој момент е во неверување и мисли дека другиот му блефира. Но тоа не е сè!


Најчесто доживувањата на партнерот немаат врска со реалноста на другиот партнер туку со неговите внатрешни:

  • Чувства на срам

  • Страв од критика

  • Гореспоменатото немање претстава за што точно се жали партнерот

  • Доживување дека не е доволно добар

  • Интензивни чувства на вина

  • Страв од напуштање

  • Страв од промена

  • Страв од губење на моќта / контролата

  • Морална димензија (што оваа изјава на партнерот кажува за мене како личност)


Ќе си речеш „Ама човече, па јас не велам ништо од ова, само дека сум незадоволна што немам помош или замена за некои обврски“. И така е, но тоа не значи дека партнерот магично ќе престане да ги чувствува овие работи во себе.🙂 Но да се вратам на темата...


Поставувањето на јасни цели исто така значи дека секој од вас ќе има јасно одредено време за одмор и релаксација. На пример, викендите може да ги користите за семејни активности каде сите учествуваат и ги завршуваат обврските заедно, што дополнително ќе го зајакне вашето чувство на тимска работа и заедништво.


Како тоа би изгледало за вас двајца?


  • Создадете листа на обврски заедно. На пример, „Јас ќе бидам задолжена за готвење, а ти за чистење“ не е доволно јасно. Еве како би изгледало малку појасно:





  • Поставете временски рамки за извршување на задачите: „Да ги извршуваме овие задачи секоја недела. Ти ќе го правиш 1. и 2. во среда, а јас 3. и 4. во петок.“


  • Редовно прегледувајте ги и ажурирајте ги задачите: „Да го провериме списокот на крајот од месецот и да видиме дали треба да направиме некакви промени.“


Доволно е за денес, иако на мојата листа имам 7 клучни аспекти за успешно да се разговара за поделбата на обврските во домот и семејството вон традиционалните балкански норми. Другите 4 ќе бидат објавени набрзо во следниот блог пост (продолжение на овој).

На овој линк исто така можеш да ги најдеш и партнерските картички кои ги подготвив за парови кои сакаат да го гејмифицираат овој разговор. Во моментов овие карти се достапни бесплатно во пдф верзија (11 страни во боја за печатење х 8 карти за сечкање), а набрзо ќе ви бидат достапни и за порачка во поквалитетен формат како физички производ.

Ако го читаш и овој пасус копирај го линкот до овој блог и прати го на другарка ти или сподели го на стори на инстаграм. Не заборавај да ме тагнеш @domasolea и да ми пишеш пораче колку често би сакала да читаш вакви блогови, да знам колку често да пишувам🙂



 
 
 

Comments


Остани поврзана - Остави емаил

Сакаш повеќе вакви содржини? Придружи се на нашата мејл листа и добивај ресурси директно во твоето сандаче.

  • TikTok
  • X
  • Instagram
  • Facebook
  • YouTube
  • LinkedIn

© 2025 Леа Ризаова                     design by: Ana Iliana

bottom of page